Работнички загуби од Струга, шампионот има три бода предност на врвот!

Работнички на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје загуби од лидерот и шампион Струга Трим Лум со 1:2 со што се комплетираше 24. коло од Првата македонска фудбалска лига.

Во првиот дел мрежите мируваа и на двете страни, а на стартот од вториот дел Марјан Радески погоди за 0:1 во 52. минута. Потоа домашниот тим преку Влатко Стојановски во 69. минута израмни на 1:1, а една минута подоцна Никола Влајковиќ погоди за 1:2.

Претходно во 60. минута тренерот на голмани на Работнички, Тони Меглески заработи директен црвен картон поради како што е заведено во самиот официјален записник од натпреварот неспортско однесување т.е. вулгарно однесување.

Во 84. минута Струга остана без играч на теренот откако Бесмир Бојку доби директен црвен картон во 84. минута, а една минута подоцна и тренерот на Работнички, Гоце Седлоски доби директен црвен картон.

Како што објави телевизија М Нет во Кратово екипата на Силекс ос 2:1 славеше над Брера, Македонија ЃП со 1:0 го доби Тиквеш, Брегалница и Гостивар одиграа 0:0 во Штип, а „нула“ одиграа и Воска Спорт и Шкупи во Охрид, додека пак Вардар и Шкендија одиграа 1:1.

Струга е лидер на табелата со 51 бод, Шкупи е втор со 48 бодови, а Шкендија е трета со 45 бодови. Силекс е на 4. место со 35 бодови, Тиквеш е петти со 32 бодови колку што има и Гостивар кој е шесто. Брера Струмица е седма со 27 бодови колку што има и Работнички кој е осми, како и Воска Спорт која е деветта.

Вардар е во бараж зоната со 26 бодови, Брегалница е во зоната за испаѓање со 22 бодови, а на дното е Македонија ЃП со 21 бод.

Александар Ванев, М-Нет