
Директорот и библиотекари од штипската Библиотека остварија посета во две библиотеки во Република Бугарија. Делегацијата ги посети Универзитетската библиотека „Климент Охридски“ и Националната библиотека „Кирил и Методиј“ во Софија, каде се сретна со директорите и тамошни вработени, но и со заменик министрите за образование. Целта на посетата е остварување на годишната програма од која дел е и проектот „Размена на визии“.
„Таму оствариме средба со директорките на двете библиотеки. Двете работни средби поминаа во најдобар ред. Разменивме мислења и идеи во тоа како се одвива и како би требало да се одвива работата во библиотеките. Дадовме предлози и идеи за унапредување и усовршување на библиотекарството во овие установи“, истакна директорот на штипската библиотека, Тодор Џидров.
Основната идеја на ваквата посета е собирање и размена на искуства и идеи меѓу установите со цел подобрување на условите во истите. Според директорот Џидров, искуството од работните средби придонеле да се донесе заклучокот дека комбинацијата на начините на работа би довела до напредок.
„Со посетата на библиотеките во Бугарија воочивме дека нашата Библиотека во Штип и библиотеките во Бугарија имаат различен пристап на работа и работат по различни системи. Тие работат по АЛЕФ – системот, а нашата работи во КОБИС – системот. Работната организација е различна, со тоа што дојдовме до заклучок дека некои принципи на работа коишто се применуваат кај нас се подобри, додека некој се подобри во нивната библиотека и би можело да се комбинираат“, додава Џидров.
Посетата беше остварена во периодот од 10 до 13 мај и е прва ваква посета во текот на 2022 година. Следната посета Библиотеката ќе ја оствари во месец јуни, во Библиотека во Осијек, Република Хрватска.
Ребека Спасова М-Нет