Работата во Пејпер мил повторно да се провери бараат од Одборот за здрав живот во Кочани

Од невладината организација „Одбор за здрав живот“ во Кочани со неколку барања до Државниот инспекторат за заштита на животната средина. Бараат повторно да се провери работата на кочанската фабрика „Пејпер мил“, бидејќи, според нив, кочанчани сѐ уште дишат загаден воздух кој се испушта од нејзините оџаци.

„Ние денес на нашата страница напишавме три барања, три упатства кои мислиме дека треба да се направат и тоа под итно. Прво, да се провери дали вреќестиот филтер е ставен во функција, бидејќи имаше дефект на самиот филтер. Потоа, да се даде новиот извештај од вградување на нови на местото на дупнатите вреќи, доколку тоа е реализирано. Ако, пак, филтерот не е поправен, под итно да ги сменат дупнатите вреќи и за тоа да се извести јавноста, бидејќи сите ние бевме радосни кога слушнавме дека ќе има нов филтер од кој имаше одредени резултати, а сега пак се влошуваат резултатите. Мора да знаеме зошто е тоа така. Исто така, да се наложи вонредно мерење на емисија на прашина од страна на акредитирана лабораторија од Македонија, бидејќи имавме лошо искуство претходно кога мерењата на бугарската и македонската акредитирана лабораторија се разликуваа. Значи, не се исти. Треба да имаме совпаѓање, но немаме“, вели Зоран Тодоров од организацијата.

Екологистите и невладините организации бараат доколку емисиите се поголеми од 50 мл/м3, фабриката да работи на плин додека емисиите не бидат намалени. Ваквите барања се резултат на извештајот кој е спроведен од инспекцискиот надзор во „Пејпер мил“ со кој на фабриката ѝ е дозволено уште три месеца да работи, а со тоа како што истакна Тодоров да го загадува воздухот во Кочани. На крај тој додаде дека целта не им е фабриката да биде затворена, туку кочанчани да дишат чист воздух.

Лаура Стојанова МНет