
Откако започна грејната сезона, започна и периодот за подготовка и консумирање на чај. Од обичен чај за секојдневна употреба до чај за бубрези и простата можат да се најдат на тезгата во центарот на Штип кај Раде. Тој од мали години се занимава со берење, собирање и продавање чај. Годинава истиот бил беровски, бидејќи сушната година го намалила количеството чај кој може да се најде на Плачковица и Пониква.
„Донесуваме разни видови чаеви. Има планински чај, мајчина душичка, мачкина шепа за простата, има и кантарион за регулирање на притисок, црвен кантарион за оние кои имаат слабо срце, бела ајдучка, жолта ајдучка, коњско опавче кое се користи бубрези и за повеќе намени, миродија, рузмарин, жалфија, босилок, коприва… Порано беревме тука поблиску, на Плачковица и Пониква. Меѓутоа, сега е многу суша и нема, а таму е малку повисоко и поразлична е климата, па од таму одиме и береме. Имаат и тие чај, ама слабо оти во мај немаше дожд и нема ни чај“, вели Раде.
Зафиров вели дека граѓаните го препознаваат вкусот на вистинскиот, природен планински чај. Најмногу се троши мајчина душичка и кантарион, но се бараат и другите видови чај. Тешко е да се егзистира од продавање чај, но значи секој дополнителен денар.
„Тоа е сѐ планинско, сѐ е природно, нема ништо вештачко. Сѐ е домашно, мислам, има босилок домашен, чубриката е домашна, миродијата е домашна, а сѐ друго е планинско, берено во Берово. Егзистенција нема, ама да има некој денар. Ние како пензионери работиме нешто за да не седиме дома“, додава тој.
Зафиров истакна дека тој секојдневно консумира чај. Вели дека мирисот на мајчина душичка рано наутро не го заменува ништо. Истовремено, упати порака до граѓаните да консумираат планински природен чај, бидејќи подобро нешто и нема.
Лаура Стојанова МНет