Професорот од УГД Гоце Гавриловски освои главна награда на престижен музички натпревар во САД

Охридскиот композитор и професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Гоце Гавриловски, со ново големо меѓународно признание. Неговата композиција „Маестри виртуози“ ја освои главната награда на престижниот International Youth Music Competitions во САД, во конкуренција со учесници од повеќе од 30 земји.

Гавриловски, кој е професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, во отворената категорија над 27 години ги освои максималните 100 поени од жирито, кое ги оценуваше композицијата, техниката, оригиналноста и уметничката изведба.

Награденото дело „Маестри виртуози“ е создадено специјално за јубилејот 15 години постоење на „Трио Академико“, кое ја изведе композицијата. Жирито ја оцени како дело со исклучителна музичка зрелост, нагласувајќи ги суптилните нијанси, контролата врз композиционите техники и впечатливата изведба.

Со ова признание, Гавриловски доби и покана за настап на концерт во Њујорк во септември годинава, уште едно потврдување на неговиот придонес во современата музичка сцена и успешното претставување на македонското творештво на меѓународна сцена.

Дајана Сандева, М-Нет