
Три лица со мотори кои се изгубиле на планината Плачковица воспоставиле контакт и се во добра здравствена состојба. Информацијата за изгубени лица била добиена преку единствениот повикувачки број за итни случаи, а за случајот извести Регионалниот ЦУК Штип. Трите лица заедно со поголема група се упатиле од хотел „Бел камен“ (Радовиш) кон село Зрновци, а утринава, околу 07:00 часот, со нив бил воспоставен контакт, а потоа биле најдени и извлечени.
„Утрово, РЦУК Штип, извести дека од Планинарска служба Осогово со 4 лица и 1 теренско возило во 05:00 часот излегле на терен и пребарувале на релација Видовиште – Латал – Бел Камен. Според последните информации добиени од РЦУК Штип, едното од изгубените лица во 06:58 часот воспоставило контакт со член на фамилија и известил дека трите лица со моторите се заглавени во кал, па ноќта ја поминале на планината Плачковица и дека се во добра здравствена состојба.“, велат од ЦУК.
Синоќа последен пат контакт со нив бил остварен околу 19:00 часот, при што кажале дека се заглавени во некоја кал на неодредена локација. Веднаш била организирана потрага во која биле вклучени петнаесетина лица со мотори од нивната група, полициско возило од ПС Штип на правецот Туртел – одмаралиште УГД, едно возило од село Зрновци кон Плачковица и дваесетина луѓе од нивната поблиска фамилија. Во пребарувањето се вклучила и Доброволната планинска спасувачка служба „Осогово“ од Кочани, а за преземање мерки биле известени и дежурните од ДЗС Скопје.
Ребека Спасова М-Нет