Промовиран првиот роман на Бојан Ристески „Пред да заминам“ во Штип

Промовиран првиот роман на младиот прилепски автор Бојан Ристески, „Пред да заминам“, во Градската универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ во Штип. Во исполнетата сала за промоции, пред љубителите на книжевноста, беше претставено делото што преку личната приказна на главниот лик отвора прашања за љубовта, разочарувањето, предавството, надежта и животните избори. Романот го следи животниот пат на Александар, млад фудбалски судија чија приказна постепено се развива во сложен сплет од судбини, страсти, скандали и драматични пресврти. Иако спортот е дел од неговиот живот, предизвиците со кои се соочува ги надминуваат границите на фудбалот. Низ неговите искуства, авторот ги истражува човечките односи, болката од разочарувањето и потрагата по одговорите што понекогаш го менуваат целиот тек на животот. За книжевното дело и неговите пораки говореа промоторките проф. Валентина Ташкова и проф. Цеца Видова Трајческа, кои со своите излагања го доближија романот до присутната публика. Посебен придонес во програмата имаше младата Стефанија Костадинова, ученичка во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“, која настанот го збогати со музичка изведба на виолина. Бојан Ристески е роден на 10 октомври 1993 година во Прилеп. По дипломирањето на Факултетот за физичка култура во Скопје, работел како професор по спорт, фитнес тренер и фудбалски судија. Неговиот животен пат подоцна го одвел во Чешка, каде денес живее во Брно. Со „Пред да заминам“ тој го прави својот прв книжевен исчекор, претставувајќи им ја на читателите својата приказна и погледот кон сложеноста на човечките судбини. Со организирањето на вакви книжевни средби, библиотеката „Гоце Делчев“ продолжува да придонесува за афирмација и популаризација на книгата, доближување на литературата до читателите и поддршка на младите автори кои го збогатуваат современиот книжевен простор.

Ева Тушевска, М-Нет