
Продолжуваат тренерските промени во Втората македонска фудбалска лига со што раководствата на екипите го решаваат важното прашање, а со цел да може потоа заедно со новиот шеф на стручен штаб да работат активно на формирање на ростерот за следната сезона, бидејќи речиси најголем дел од второлигашите во текот на следната недела ќе ги започнат подготовките.
По промоцијата на Борче Христов за нов тренер на Пелистер, Иван Варадиновски за нов тренер на Новаци, Ѓорѓе Стојчев на Брера Струмица, Мартин Алаѓозовски на Беласица, потврдата дека Јован Трајков останува да го води Еуромилк ГЛ и во новата сезона, следуваше и нова тренерска промена.
Работнички кој минатата сезона испадна од Првата лига и ќе цели кон експресно враќање во елитата го договори Баже Јанакиевски да го предводи во следната сезона. „Романтичарите“ се одлучија за проверено име кое и во минатото беше дел од овој клуб, а кој доаѓа на местото на Муарем Муарем, кој треба да го води Башкими во следната сезона и всушност треба да биде само тренерска трампа.
Останува решаваше на испразнетото тренерско столче во Кожуф од Гевгелија по заминување на Иван Варадиновски, но не е исклучена можноста за уште некоја тренерска смена во следните денови.
Новата сезона во Втората лига ќе започне на 15 август, со мечевите од првото воведно коло, а во кое Брера ќе игра против Еуромилк ГЛ, Беласица против Осогово, Македонија ЃП против Тетекс, Охрид ќе игра со Новаци, Пелистер против дебитантот Камјани, Работнички против Кожуф и Шкупи против Детонит Плачковица.
Александар Ванев, М-Нет