Пробиштип останува со актуелниот градоначалник, пробиштипјани го избраа Драган Анастасов од СДСМ

Пробиштип е третата општина од Источниот регион која по Локалните избори 2021 останува со актуелниот градоначалник. Драган Анастасов од СДСМ со водство од 311 гласа го победи својот противкандидат од ВМРО – ДПМНЕ, Маријан Миленковски. Анастасов во своето обраќање кон граѓаните и симпатизерите на СДСМ, кои беа присутни на прославата на плоштадот во Пробиштип, порача дека уште од утре ќе продолжи со презентација и реализација на ветените проекти.

„Изминатите четири години имаше исклучително многу големи предизвици со оглед на ковид – пандемијата, со оглед на финансиската ситуација којашто ја наследив, но бевме посвететени на работата, бевме посветени на секој еден граѓанин. Денеска Пробиштип по вторпат оддаде признание и покажа дека сака да се развива и да биде Општина каде што ќе живеат слободни граѓани во духот на демократијата, како што беше пример во изминатиот период. Пробиштип ќе продолжи да се развива, да разговара со секој еден граѓанин без какви било поделби, по каков било основ, бидејќи тоа во изминатиот период го докажавме и тоа е цената поради која денес имаме успех. Пробиштип се радува да продолжи по патот којшто го трасиравме. Да ги затвориме најголемите прашања на пробиштипјани, пред сè, слободно ќе кажам, јаловишната депонија, којашто е наш врвен приоритет и сите од Пробиштип, без оглед на тоа од каква припадност се, да бидат горди граѓани“, потенцираше тој.

Анастасов во новата програма најавува најмногу издвоени финанскиски средства за спорт и средства за култура. А во врска со приоритетот – јаловишна депонија, најави дека до декември Пробиштип ќе прерасне во најголема фотоволтаична централа.

Општина Пробиштип е единствената од Источниот регион која во вториот круг избори доби градоначалник од СДСМ, а трета по ред, по Берово и Делчево, кои својот градоначалник го избраа во прв круг.

Ребека Спасова МНет