
Започна асфалтирањето на неколку улици во Општина Штип, откако на Власт дојде новиот градоначалник, Иван Јорданов. Откако пред неколку дена увид се напрaви на улица Личка, но се чека сè уште завршување на водоводната мрежа за нејзино асфалтирање, денеска првиот човек на градот под Исарот направи увид во активностите во населба „Суитлак“ каде се асфалтираат неколку улици.
„Денеска сме во населба „Суитлак“ да направиме увид на асфалтирањето на три улици во вкупна должина од 1400 метри, во вкупен износ од 3,5 милиони денари, кои ќе бидат финансирани од буџетот на Општина Штип. Ова го правиме сè со цел да ги подобриме условите на нашите сограѓани, но исто така, временски да интервенираме сите проекти коишто ги планираме времено да бидат завршени и да бидат во функција на нашите сограѓани. Во текот на наредната недела, а и во текот на оваа недела ќе продолжиме со асфалтирање на улицата „Панче Караѓозов“ зависно од активностите на ул. „Личка“, исто така ќе преминеме во фаза на асфалтирање по завршувањето на активностите со поставувањето на водоводната линија. Така што, еве, да сублимирам, во наредните неколку денови продолжуваме со реконструкција и асфалтирање на улиците коишто ќе бидат приоритет од страна на локалната самоуправа, а во функција на нашите сограѓани“, истакна Јорданов.
Во врска со поставувањето на водовод и канализација во оваа населба, проект кој беше предизборно ветен од страна на Јорданов, тој истака дека дополнително ќе започне со негова реализација.
„Станува збор за друг проект, којшто дополнително го работиме, станува збор за проект со којшто ќе се реши долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, не само за населбата „Суитлак“, туку и за „Каваклија“. Така што за овој проект ќе бидете дополнително информирани веднаш штом биде изготвен и добие можност за финансирање“, додаде Јорданов.
Инаку улицата Панче Караѓозов стои неасфалтирана повеќе од половина година, а уллицата Личка нешто повеќе од два месеци.
Лаура Стојанова МНет