Претставени проектите и приоритетите за о. Штип од коалицијата ДОМ – ЛДП

Движењето „Одлучно за промени“ на централен митинг во Штип ги претстави кандидатите за градоначалник и советници на о. Штип. Девизата „зелен развој“ е она од кое се состои  програмата на коалицијата, која тие ја понудија за Штип.

„Вечерва сме овде во Штип да ги претставиме кандидатот за градоначалник, Ванчо Санев, и кандидатите за советнички и советници овде во Штип од движењето „Одлучно за промени“, којшто го иницираа ДОМ и ЛДП. Мене ми е драго што и овде во Штип, како и во цела Македонија граѓаните ја препознаа искрената намера на движењето: да се обединиме сите со цел да обезбедиме здрав и квалитетен живот во сите општини во Македонија, бидејќи тоа е неопходно за граѓаните“, истакна Маја Морачанин, претседателка на ДОМ.

„Редно е да се реализираат есенцијалните проекти како што се: замена на водоводните азбестни цефки, воведување на јавен превоз, наводнување на одредени земјоделски содржини и останатите капитални проекти, како што е претворање на Суитлак во туристичко – рекреативен центар. Сите тие се наши проекти“, потенцираше кандидатот за градоначалник, Ванчо Санев.

„Ние сме убедени дека оваа коалиција, како што кажа Маја, која е отворена за сите граѓани, поедници, здруженија и невладини организации ќе даде нов квалитет на политичката сцена“, посочи потпретседателот на ЛДП, Зоран Шапуриќ.

Од коалицијата додадоа дека Штип треба да се развива како вистински центар на градот, сè во интерес на граѓаните.

Ребека Спасова МНет