
Под мотото „Сподели радост“ денеска во Градскиот парк во Кочани се одржа претпразнична програма и Велигденски базар. Изработки продаваа ученици од две основни училишта во Кочани, со што собраа 42.000 денари. Во претпразничната програма беа вклучени ученици од основните и средните училишта, како и детски градинки.
„Учениците од основните и средните училишта под мотото „Сподели радост“ денеска ќе учествуваат со свои изработки. Тоа се однесува на училиштата „Кирил и Методиј“ и „Малина Попиванова“, а другите со своја пригодна програма исто така ќе бидат вклучени. На сите верници им го честитаме претстојниот празник од името на Општина Кочани“, посочи Голубинка Георгиевска од Општина Кочани.
Велигденска порака упати и градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, кој порача празникот да биде поттик за утврдување во вистината и правдата, а да живееме во вера со добри дела.
„Во пресрет на најголемиот христијански празник – Христовото воскресение, дозволете ми да Ви го честитам Велигден и да Ви посакам здравје, благодат, Христова љубов, мир и спокој во секој дом. Овој празник над празниците нека биде поттик да се утврдуваме во вистината и правдата, во трпението и милосрдието – да живееме во верата со добри дела. Длабоко сум уверен дека токму ваквите големи празници помагаат во јакнењето на националната, меѓунационалната и мултиконфесионалната толеранција, како и во зачувувањето и развивањето на нашиот културен и национален идентитет. Нека ни е честит Велигден! Христос воскресе! Навистина воскресе!“ – стои во пораката од градоначалникот Папазов.
Средствата собрани од Велигденскиот базар ќе бидат наменети за Велигденскиот хепенинг кој ќе се одржи в недела. На Велигденскиот хепенинг зрачи големото црвено јајце изработено од страна на учениците и менторите од машинската струка во СОУ „Гошо Викентиев“.
Ребека Спасова М-Нет