Пред или по Нова година ќе се распише тендерот за доградба на новата штипска болница

Пред или по Нова година Министерството за здравство ќе го распише тендерот за доградба на Штипската клиничка болница, информираше денеска министерот за здравство, Фатмир Меџити. Објектот кој не се гради веќе седум години, пред колку што беа ставени темелите, идната година ќе се гради со невиден динамизам, најави тој пред два месеца, а денеска посочи дека сите процедури течат и зависно од нивната динамика ќе започне и реализацијата.

„Тоа што можам да споделам со вас е дека или пред Нова година или по Нова година, зависи од процедурите, ќе биде објавен тендерот за доградбата за Штипската клиничка болница, така ќе продолжиме и со Кичевската болница“, рече Меџити.

Тој посочи дека на овој начин се решаваат сите спорни прашања во здравството, па во тој контекст напомена дека е раскинат и договорот за Болницата во Кичево, која е почната да се гради уште во деведесеттите години. И за овде наскоро ќе се распише тендер.

„Се шпекулираше цело време дека нема да се раскине договорот за Кичевската болница, но веќе е раскинат, пред две недели го раскинав. Така како што се заложивме од првиот ден со кабиентот, кажавме дека сите спорни прашања, сите спорни проекти во здравството што не се градат со децении, меѓу кои како голгота беше и кичевската болница веќе 33 година, така и штипската. Ги решаваме сите спорни прашања“, додава Меџити.

Сегашните услови во Болницата во Штип и Меџити ги оцени како катастрофални при последната посета во месец мај и рече оти и тој не би се лекувал овде. За новата, пак, која според него треба да биде завршена и порано од рокот, којшто е до 2026 година, на почетокот на годинава се предвидоа речиси 160 милиони денари, дел од Буџетот на Министерството, а друг дел позајмени средства.

Ребека Спасова М-Нет