
Вкупно 75 првачиња од кочанското основно училиште „Никола Карев“ вчера добија училишни униформи. Училиштето е единствено во Кочани кое бележи зголемен број на првачиња, а директорот, Александар Андов, посочи дека со ова како училиште покажуваат дека секогаш се грижат за учениците и се свесни за одговорноста и довербата која им ја доделиле родителите.
„Оваа година се договоривме да преземеме таков чекор и таква мерка за нашите првачиња кои се од огромно значење за нашето училиште, бидејќи за првпат во општина Кочани, ОУ „Никола Карев“ има пораст на бројот на првачиња за 90% од претходните две – три години, додека во останатите училишта општината има намалување на бројот на ученици. Во знак на благодарност кон родителите коишто ги запишаа нивните деца и ни ги доверија да се грижиме за нив, решивме униформите да ги поделиме на првачињата“, вели Андов.
Според Андов, ова, секако, ќе придонесе и за намалување на социјалната и економската разлика меѓу учениците, а од најмала возраст ќе ги научи дека сите се исти. За таа цел ќе се иницира и обезбедување униформи и за погорните одделенија, од второ до деветто.
„Со тоа, нормално, и да ја намалиме социјалната разлика помеѓу самите ученици, да не се чувствуваат економски и парични разлики, кои, нормално, ги има во секое училиште, туку да сфатат дечињата уште од најмала возраст дека сите се исти, сите се ученици и дека треба сите да имаме исти права. Веќе се заинтересирани сите одделенија, од второ до деветто, да се набават училишни униформи. Ние како училиште имаме одредено некој буџет со кој ќе можеме да помогнеме во тоа, но сето друго ќе го бараме како донации или преку Советот на родители иницијативно ќе се поднесе барање со што ќе може да се купат униформи за сите ученици“, додава Андов.
Инаку, униформите се целосно бесплатни, а се донација од општествено-одговорна компанија, со која училиштето „Никола Карев“ соработува веќе подолго време.
Ребека Спасова М-Нет