
Штипската медицина денеска се приклучи на еколошката акција која месецов ја организира ЈП „Исар“ заедно со Локалната самоуправа. Околу 60 ученици од две паралелки од ова училиште исчистија дел од просторот кој се наоѓа во училиштето, а беа мотивирани од своите наставници и директорката, која во оваа прилика го честиташе и Денот на учителот и напомена дека е важно учителот да пренесе добро образование на своите ученици.
„Во соработка со ЈП „Исар“, а во организација на Општина Штип, денес и СОУ „Јане Сандански“ се вклучи во еколошка акција со цел подигање на свеста на младите за зачувување на животната средина. Апелираме до нашите ученици и до сите кои живеат околу училиштето да внимаваат на хигиената и отпадоците да ги фрлаат на соодветното место. Би го честитала Денот на учителот и во таа насока би рекла дека доброто образование може да промени многу нешта, но добриот учител може да го промени светот“, истакна Марија Николиќ, директорка на СОУ „Јане Сандански“ – Штип.
Пораките за почист град и чиста животна средина ги пренесоа и учениците. Посочија дека во оваа активност се вклучуваат со цел да го подобрат местото во кое самите учат и другаруваат, но повикаа животната средина да се чува и на другите локации во градот.
Штипските средни училишта во текот на оваа недела се приклучуваат на оваа еколошка акција, откако во основните училишта истата заврши минатата недела. Вчера се чистеше во средните училишта „Коле Нехтенин“ и „Димитар Мирасчиев“.
Ребека Спасова М-Нет