Прво место за штипјанецот Дејан Митров на меѓународен пеливански турнир во Кичево, одличен настап и на неговиот клуб!

Нов голем успех и стандардно прво место за штипјанецот Дејан Митров, кој освои прво место на силен меѓународен турнир во Кичево, каде конкуренцијата била тешка.

Митров стигна до златниот медал со тешки борби и исклучително квалитетни натпреварувачи, но златиот медал доаѓа во градот под Исарот.

„Вчера се одржа меѓународен турнир во пеливанско борење во Кичево, конкуренцијата беше навистина жешка и пеколна како и времето што е, но со оглед на подготовките кои ги имавме сме задоволни од борачкиот клуб Дејан Митров кој што настапи. Сакам да потенцирам дека на овој турнир масовно земаа учество на наши пеливани овде беше спој на младост и искуството. И повозрасните и помлади јавуваат се поголема желба за овој спорт, тоа е податок кој навистина ме радува. Што се однесува до натпреварувачкиот дел имаше навистина пеколна конкуренција, самото тоа дека имаше 11 пеливани од Турција, а знаеме дека основоположник на пеливанското борење е Турција, ни говори фактот навистина беше тешко да се стигне до златниот медал“, вели Митров за М Нет.

За пеливаните на штипскиот клуб е голем предизвик да настапат на еден ваков голем меѓународен турнир со силна конкуренција.

„Искрено да ви кажам нашите за пеливани е голем предизвикот кога станува збор за меѓународен турнир, со самото тоа дека имаме учество најчесто од балканските држави, Бугарија, Косово, Албанија, Србија, Грција и Турција, секој успех којшто ќе се оствари на меѓународен турнир е навистина со голема тежина и со поголемо значење“, додава Митров.

Пеливаните на штипскиот клуб имаат голем напред, а за што и самиот Митров ни потврди дека е задоволен од нивниот развој и прогрес.

„Напредокот е навистина во нагорна линија овде имаме поголема масовност и од таа масовност која ја очекувавме, но и интересот кај младите и кај повозрасните оние кои што се поискусни е се поголем и верувам дека овој тренд на зголемување во пеливанското борење ќе продолжи и во иднина и со цел да можеме да приложиме борби и организации да може штипската јавност да ужива и да го запознае овој спорт одблиску. Од нашиот клуб земаа учество 11 борачи, од кои морам да ги издвојам Марио Ананиев кој имаше две победи, морам да ги спомнам поискусните, Горан Ангелов, Стојанче Данилов, Аце Арсов, Сашко Арсов, Кристијан Димитриевски и останатите кои прикажаа забележителен настап и си даваат мотив за следите предизвици кои не очекуваат, уште посилно да се претстават самите себеси и нашата општина“, завршува Митров.

Пеливанскиот клуб на Дејан Митров веќе се подготвува за следниот предизвик, а тоа ќе биде учество на нов пеливански турнир во Велес, кој е закажан за 3 август.

Александар Ванев, М-Нет