
Со пораки за успех, нови знаења и многу позитивни резултати, денеска свечено беа пречекани новите студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Со Првиот академски час официјално започна новата академска 2026/2027 година, а меѓу присутните беше и премиерот Христијан Мицкоски. Во обраќањето до студентите, тој порача дека треба да го запознаат светот, да стекнуваат знаења и искуства, но да не ја забораваат својата земја. Како пример ја посочи и сопствената животна определба – по можностите што ги имал надвор од земјата, да се врати и животот да го продолжи во Македонија.
,,Каде и да одев, се враќав назад и знаев дека тука ќе го формирам моето семејство и тука ќе го продолжам мојот живот. На тој начин ги воспитуван и моите два сина Јован и Антониј. Да патуваат, да стекнуваат знаења, да другаруваат, да го поминат целиот свет и онаму каде што имаат можност, никаде истата да не ја одбијат, но на крајот да се вратат дома и заедно дома да се бориме за нашата заедничка татковина Македонија. Знам дека ќе имате многу предизвици, ќе има и такви кои што ке ве убедуваат дека тоа е невозможно, дека некаде таму далеку од овде е подборо и дека таму се поинаку, отколку тука. Сакам да и давам еден совет, тоа не е точно. Тоа не е вистинскиот живот.“, вели Мицкоски
Ректорот на универзитетот Дејан Мираковски, на студентите посака многу успех, истакнувајки дека факултетот не е само место за диплома, туку и можност за стекнување знаење, развивање идеи и создавање на иднината. Од нив очекува упорност, љубопитност и верба во себе, а од Универзитетот најави поддршка за нивните идеи и таленти.
,,Универзитетот не е место само каде што се добива диплома. Тоа е место каде што се поставуваат прашања, се преиспитуваат вистини и се рагаат идеи за иднина. Од вас очекуваме не само да станете врви професионалци, туку и луѓе кои што ќе носат позитивни промени во нашето општество. Ваша задача е да бидете упорни, љубопитни и да верувате во себе. Верувајте и вовашите професори. Тие несебично ќе го пренесат своето искуство и знаења. Наша задача е да ви создадеме услови во кои вашите идеи и талент ќе растат.“, вели Мираковски
Директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, м-р. Ана Михајлов на студентите им порача да не студират само за диплома, туку за знаење. Претставувајќи им ги европските можности на новите студенти им укажа на можностите да поминат студии на некој европски универзитет, да учат и работат со своите врсници од другите европски земји.
Инаку, по првиот академски час, околу 1.500 бруцоши денеска на своите матични факултети ќе имаат средби и со деканите и професорите
Иван Митев, М-Нет