
Над 500 судски постапки, воведувањето на недела како неработен ден, зголемувањето на минималната плата и уште низа активности насочени кон подобрување на работничките права се дел од десетгодишната работа на здружението „Гласен текстилец“, тврди претседателката на Здружението, Кристина Ампева. Таа додаде дека и понатаму остануваат одредени проблеми со кои се соочуваат текстилните работници.
,,Бидејќи е десетта јубилејна десетта текстилијада, меѓутоа и десетгодишнина на здружението сметам дека имаме што да се пофалиме, не бевме синдикат, бевме здружение од Штип кое смени закони, вложи меѓународни постапки, над 500-600 судски постапки, имаме резултат и имаме со што да се пофалиме за нашите успеси овие десет години. Недела неработен ден исто така, покачувањето на минималната плата беше нашата прва битка од 2017, бидејќи знаете за текстилците пониска беше платата, така да остануваат проблемите како отказот на бремените жени, договорите од еден месец, меѓутоа и ниските плати повторно“, вели Ампева
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, подвлече дека соработката со здружението „Гласен текстилец“ покажува дека институциите и граѓанските организации можат заеднички да придонесат кон подобрување на состојбите во одредени индустриски гранки. Јорданов изјави дека текстилната индустрија има значајно место во економијата на Штип, бидејќи голем дел од вработените работат во овој сектор, а во него е концентриран и значаен дел од локалниот капитал.
,,Соработката помеѓу Општина Штип и здружението Гласен Текстилец е доказ дека институциите и граѓанските здруженија можат да работат и можат да придонесат за поместување на одредени состојби и одредени индустриски гранки и дејности. Штип е град на текстилот и најголем процент од вработените лица во Штип се во текстилната индустрија. Исто така и најголем процент од сопствениците на капитал својот капитал се уште го одржуваат и го работат во текстилниот сектор. И секогаш кога има дијалог кога има гласно гласно говорење за состојбите, сметаме дека треба да се извлечат позитивни искуства, затоа што на работниците и на сопствениците им е потребно преносно знаење, позитивни искуства, нешто кое мораме во нашиот град гласно да го говориме. Секогаш кога има одредени состојби мора да се презентираат за да бидат променети и сакам да се заблагодарам на здружението Гласен текстилец кое веќе десетта година гласно зборува за состобите во текстилниот сектор“, презентира Јорданов
Директорката на ООУ „Тошо Арсов“, Виолета Арсовска истакна дека соработката помеѓу училиштето и здружението трае со години и е исполнета со многу активности. По повод јубилејот од десет години, Арсовска го посочи муралот со порака дека децата имаат свои права, но и обврски, а преку учењето и заедничката грижа можат да придонесат кон создавање подобра иднина.
,,Соработката помеѓу ООУ ,,Тошо Арсов“ и Здружението „Гласен Текстилец“ трае со години и е исполнета со многу активности, особено е значајна активноста каде што нашите ученици учествуваат на распишаните литературни конкурси од странана на Здружението „Гласен Текстилец“, каде што го изразуваат својот талент, но и размислуваат и учат за важни општествени прашања. Оваа година по повод десетгодишниот јунилеј на Гласен текстилец, ние нашата соработка ја заокруживме со една убава порака, а тоа е муралот кој што го краси нашето училиште, под порака ,,Наши прави-наша иднина“. Овој мурал не е само уметничко дело, туку во себе носи една скриена порака, а тоа е дека децата имаат право, но имаат и своја обврска, и дека своите права и обврски заедно низ учење и низ заедничка грижа да ја создадат нивната заедничка иднина“, истакна Арсовска
Преку ова се очекува да се придонесе за подобрување на економската состојба во градот, но суштината е во подигнувањето на стандардите и создавањето услови за промена на одредени состојби кои постоеле во минатото, се присутни и денес, но можат да се надминат.
Ева Тушевска, М-Нет