Почина маестро Александар Џамбазов, македонски диригент и композитор

Денеска во Скопје на 85 годишна возраст почина маестро Александар Џамбазов, македонски диригент и композитор. Маестро Џамбазов е роден во село Стапар, Војводина во Р. Србија, на 3.2.1936. Татко му Методи бил учител од Штип, а мајка му Цветанка, домаќинка, затоа голем дел од детството поминал во Штип. Џамбазов го добива своето прво музичко образование во Штип, кај музичкиот педагог Сергеј Михајлов. Љубовта кон музиката го носи во Средното музичко училиште во Скопје, а по завршувањето на школата се запишува на Музичката академија во Белград 1956 година, каде и дипломира на наставно-теоретскиот оддел.

Автор е на голем број детски песни. Беше иницијатор и долгогодишен диригент на фестивалот за деца, „Златно славејче“ во Скопје. Џамбазов има реализирано безброј снимки и концерти во живо. Настапувал во земјава и во странство, а добитник е на голем број стручни награди. За својата работа доби над 40 награди и признанија во Македонија и Југославија, меѓу кои и државната награда „11 Октомври“ и наградата на Град Скопје „13 Ноември”.

Маестро Џамбазов за неколку дена требаше да наполни 86 години. Целиот работен век го мина во Македонската радио телевизија како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар. Меѓу младите беше познат како иницијатор, основач и диригент на детскиот фестивал „Златно славејче“.

Сите што го познаваа овој голем уметник, но добар и скромен човек, со почит и тага на социјалните мрежи се простуваат од Александар Џамбазов, кој остави неизбришливи траги во македонската музичка историја.

Ребека Спасова М-Нет