Поради големиот интерес, две нови парцели за поставување фотонапонски централи во Штип

Поради големиот интерес за поставување фотонапонски централи, Општина Штип ќе определи уште две земјишта за таа намена. Двете парцели се во Чардаклија и Ново Село и се со вкупна површина од нешто повеќе од 150 хектари. По изработката на документацијата, истите ќе бидат понудени со јавно наддавање.

„Има многу заинтересирани коишто сакаат да градат вакви објекти. Ние како Општина спроведуваме постапка за изработка на урбанистичко – планска документација на две локации со којашто ќе се предвидат градежни парцели коишто подоцна би можеле по пат на јавно наддавање да бидат понудени на заинтересираните субјекти. Започната е постапка за изработка на ваков тип документација на две одделни локации на подрачјето на општина Штип, едната локација се наоѓа во катастарска општина Чардаклија и е со површина од околу 40 хектари, а другата локација се наоѓа во катастарска општина Ново Село и е со површина од околу 115 хектари“, истакна Лазар Хаџи Николов од Одделението за урбанизам.

Општината досега има издадено дваесетина одобренија за поставување фотоволтаици на земјиште, а во постапка се уште толку. Граѓаните секојдневно се интересираат и за поставување фотонапонски панели на кров.

„Досега Општина Штип има издадено околу 20 одобренија за градење фотонапонски панели коишто се поставуваат на земјиште. Исто толку постапки има и за донесување урбанистичко – планска документација со којашто ќе се предвиде изградба на ваков тип објекти, коишто се финансирани од страна на приватни заинтересирани инвеститори коишто се и сопственици на земјиштето. Тоа се околу 30 постапки во коишто имаме издадено акт за поставување фотонапонски панели на кров, а исто така голем е и интересот за поставување фотонапонски панели. Граѓани секојдневно се интересираат за постапката пред да го достават известувањето за поставување панели на крововите“, додава Хаџи Николов.

Во однос на законската измена за легализација на бесправно изградени објекти со намена Г2, односно лесна незагадувачка индустрија, ако се постават фотоволтаици, официјални барања до Општината сѐ уште нема. Меѓутоа, интерес има и правни лица веќе прашуваат и се информираат за постапката.

Ребека Спасова М-Нет