
Во штипскиот Центар за култура „Ацо Шопов“ изложени делата од 59. Струмичка ликовна колонија. Станува збор за дваесетина дела од петнаесетина ликовни уметници од земјава и странство, кои во Центарот на култура десет дена ќе бидат изложени за заинтересираните посетители. На овогодинешната ликовна колонија уметниците твореа со масло и акрил на платно и мозаик.
„Ако за нешто може да кажеме дека е традиционална гостинка во галерискиот простор на Домот на културата, тоа е Струмичката ликовна колонија. Неслучајно таа веќе 59 години е во ликовниот простор во Македонија и поради тоа што го има како содржина, ние ја избираме и ги отвораме широко вратите. Тоа е ликовна колонија во којашто учествувале над 1400 уметници, кои оставиле фонд од 2750 експоната“, истакна Трајче Кацаров од НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип.

Струмичката ликовна колонија траеше десет дена во месец август, во просториите на Уметничката галерија во Струмица. На истата учествуваа уметници од Чешка, Хрватска, Србија, Црна Гора и Македонија, кои создадоа 36 дела. Во рамки на колонијата, оваа година по 29. пат работеше и мозаичката работилница, на која се создадоа две нови дела. Меѓународната струмичка ликовна колонија е основана во 1963 година и како најстара и афирмирана колонија, секоја година се одржува во август, а изложбата на новосоздадените ликовни дела е на 11 Септември, Денот на ослободувањето на градот Струмица.
Ребека Спасова М-Нет