Пониква подготвена за скијачката сезона, ски – лифтовите ставени во функција

Туристичкиот центар „Пониква“ – подготвен за првите гости оваа сезона. Со првиот снег кој наврна на повисоките места, Пониква како привлечно туристичко место за Источниот регион се подготвува за посетителите. Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, истакна дека патот кој води до Пониква е исчистен и е прооден, а се уредува и чисти и просторот околу ски – лифтовите.

„Концесионерот кој стопанисува со ски – лифтовите број 1 и број 3 е подготвен да ги дава своите услови. Патот од Кочани до Пониква е исчистен. Во моментов се работи на рачистување на паркинг просторот околу објектите на МВР и расчистување на месноста Аеродром за овозможување на повеќе паркинг места за да прифатиме што е можно поголем број на туристи. Во исто време комуналното јавно претпријатие направи напори да ги исчисти контејнерите, да ги подготви сите останати комунални услови за да пружиме пристојна атмосфера за сите потенцијални гости“, додаде Папазов.

Врнежи од снег и минатата ноќ имаше непрестано на Пониква, па од таму велат дека дебелината на снежната покривка е доволна за скијачите. Од таа причина нема потреба од дополнителна употреба на топовите за вештачки снег. Посетителите можат да изнајмат и опрема за скијање, а цената на дневниот билет, како што е најавено, останува иста како и минатата година. Освен ова Пониква, која секоја година привлекува посетители, нуди и околу 400 паркинг места и над 400 легла во угостителските објекти и приватните викенд – куќи.

Ребека Спасова МНет