Половина од хоспитализираните ковид – пациенти во Кочани и Штип се на кислородна поддршка

Бројката на хоспитализирани ковид – пациенти во штипската болница по викендот се искачи на 59, од кои 51 лице се во модуларната ковид – болница и 8 на Кожното одделение, кое работи како ковид – оддел. Во последните 24 часа има четири новопримени пациенти и исто толку оздравени. Од хоспитализираните, 35 се со потешка клиничка слика и се на кислородна поддршка, а вакцинирани се десет пациенти. Едно лице ја загубило битката со коронавирусот, а моментално слободни се 5 кревети во модуларната ковид – болница, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.

Во кочанската болница хоспитализирани се 15 пациенти на Интерното одделение кое работи како ковид – оддел. Од хоспитализираните, шест пациенти се со потешка клиничка слика и се на кислородна поддршка, а вакцинирани се само двајца пациенти со една доза вакцина. Во моментов слободни се 12 места и нема регистрирано починати лица во последното деноноќие, информираше директорот на кочанската болница, Александар Серафимов.

Според инфирмации од Министерството за здравство, заклучно со вчера, во земјата се направени вкупно 1.252.094 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 186.914, бројката на оздравени пациенти е 167.402, на починати е 6.460, а бројот на активни случаи изнесува 13.052.

Лаура Стојанова МНет