Пожарот уништи, хуманоста обнови: Викендицата на Добре доби нов покрив со помош на хуманитарецот Александар

Две недели по пожарот што за малку ќе му го одземеше животот на чичко Добре и целосно ја уништи неговата викендица, денес на неговата викендица повторно има покрив. Благодарение на хуманоста на пожарникари, волонтери и граѓани, ветувањето дадено во најтешките моменти стана реалност – кровот е целосно обновен. Пожарникарот Александар Горгиевски, кој учествувал и во спасувањето на сопственикот, вели дека најголемата победа не е обновената куќа, туку спасениот човечки живот.

„Како што најавив пред две недели на нашата локална телевизија М-Нет, после големиот пожар кој што ја зафати викендицата на нашиот сограѓанин чичко Добре, ќе се ангажирам, не како пожарникар, туку како хуманитарна организација, ќе дадам се од себе, кровот на човекот да се санира и да се реновира. Како што ветив, ветеното е остварено, за само две недели, обезбеден е материјал, комплетно е реновиран кровот и комплетно е саниран. Сакам да се заблагодарам на сите хумани граѓани, на сите 13 луѓе кои што на терен дојдоа хуманитарно, што ни пружија помош во рок од два дена да го завршиме кровот. Јас сум тој што го и однесе и човекот до клиничка болница Штип, ситуацијата овде беше страшно алармантна, чест ми е и задовоство што денес овде стојам и она кое што сум го ветил сум го реализирал. Јас апелирам до граѓаните, ова е апел и како пожарникар и како човек, секогаш прво човечкиот живот на прво место, се друго на второ место. Значи оваа куќа, оваа викендица, како што видовте може да се реновира, може да се санира, но човечки живот, не може да се врати. За мене најбитно е тој ден, спасен е човечки живот, реновиран е кровот на истиот тој човек, немаме човечка жртва, немаме други загрозени граѓани.“- Александар Горгиевски пожарникар

Со солзи во очите и треперлив глас, Добре раскажува дека нема потешко чувство од тоа беспомошно да гледаш како пред твоите очи во пламен исчезнува сè што си создавал со години. Вели дека и покрај опасноста се обидел да спаси барем дел од својот дом, но огнот бил посилен, оставајќи зад себе само пепел, болка и спомени.

Од пепелта не се издигна само нов покрив, туку и доказ дека хуманоста сѐ уште живее меѓу луѓето. Благодарение на солидарноста и несебичната помош, Добре денес повторно има место што може да го нарече свој дом.

Дајана Сандева, М-Нет