
Поднесени обвиненија против девет лица поврзани со случајот „Пулс“ во Кочани, за поткуп и злоупотреби при даночните контроли во дискотеката и други поврзани фирми. Против тројца е поднесен обвинителен акт, а против шестмина обвинителен предлог.
„ОЈО Кочани поднесе обвинителен акт против три лица и обвинителен предлог против шест лица за дејствија на поткуп, злоупотреба на службена положба, оддавање службена тајна и фалсификување, во врска со контролите на Управата за јавни приходи во дискотеката “Пулс” во Кочани и во други поврзани фирми.“, соопштуваат од ЈОРМ
Обвинителен акт за кривично дело – Примање поткуп од член 357 од Кривичниот законик е поднесен против двајца даночни контролори, од кои еден е обвинет за две вакви дејствија. Тие од третото лице, обвинето за – Давање поткуп од член 358 од Кривичниот законик, побарале и примиле очила и рачен часовник со цел да го информираат за ненајавени вонредни контроли во фирмите каде тој бил одговорно лице.
Иако биле свесни дека согласно закон не смеат да оддаваат информации кои ги осознале во врска со даночна постапка, првиот обвинет сепак го информирал третиот обвинет преку вибер пораки за дејствијата на УЈП и МВР во врска со наведените фирми, правејќи со тоа и продолжено кривично дело – Оддавање службена тајна од член 360 од Кривичниот законик.
Двајцата даночни контролори се обвинети и за – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик, бидејќи при извршена контрола во правниот субјект во кој одговорно лице бил третиот обвинет, на 06.03.2024 година утврдиле даночни неправилности и нерегистриран промет, но во записникот не ја внеле откриената незаконитост. Со ова на буџетот му нанеле шета од 98.400 денари кои останале како ненаплатена глоба кај прекршителот.
Со цел да ги покрие незаконитостите утврдени при контролата, вториот обвинет сторил и кривично дело – Фалсификување службена исправа од член 361 од Кривичниот законик, односно го фалсификувал службениот извештај за контролата.
Против дополнителни четворица даночни контролори и инспектори до Судот е поднесен обвинителен предлог за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување. Од нив, еден е обвинет и за – Фалсификување исправа. Дополнително, една вработена во Државниот пазарен инспекторат сторила дело – Оддавање на службена тајна, откривајќи информации кога акциските контроли ќе се реализираат.
Иван Митев, М-Нет