
Земјоделски површини, дворови и подруми од куќи сѐ уште се под вода во село Облешево, а поради обилните врнежи викендов, Кочанска Река беше мета на закана и за некои пониски куќи. Жителите и надлежните на терен се обидуваат да спасат што може, но повлекувањето на водата денеска предизвикало штети и во атарот на село Чифлик. Тони Максимов, жител на Облешево, вели дека влезот на Кочанска Река во Брегалница е претсен да собере вода од обилни врнежи и во таков случај секогаш ги поплавува селата.
„Штети имаме огромни во делот на земјоделието, посебно кај градинарските култури кои се засеани со домати и пипер, таму веќе нема да има род, пченката исто е катастрофа, денеска е во вода. Температурите се малку повисоки денеска, така што и таму тешко ќе биде. Имаме една плантажа со ораси која е сѐ уште под вода и таму штетите се огромни, како тоа ќе се надокнаде, тешко. Житариците некако ќе ги спасеме, бидејќи тие се веќе во фаза зрелост за жетва, меѓутоа оние другите култури како компири, пипер, домати, нема да има ништо од тоа“, вели Тони Максимов, жител на село Облешево.
Комисијата при Општината веќе е формирана, но истата штетите ќе може да ги утврди по повлекувањето на водата. Градоначалникот, Далибор Ангелов, посочува дека викендов, а и денеска има активности за спречување на поголеми штети, бидејќи во Чифлик мета на закана се и некои од домаќинствата.
„Локалната самоуправа по активирање на телото за управување со кризи, за време на викендот презеде низа мерки со кои би се спречиле штети од поголеми размери. Веќе е воспоставена контрола на самата вода, но по целосно повлекување од страна на Комисијата допрва ќе бидат отврдени штетите по домаќинства и земјоделски посеви. И денес имаме активности во населено место Чифлик, таму е повеќе атарот со земјоделските посеви, домаќинстава до денес нема поплавени, меѓутоа има индиции дека може да дојде до поплавување на некои домаќинства, ама работиме да го спречиме тоа“, истакна Ангелов.
Инаку, поради обилните врнежи во саботата се излеаја Кочанска и Оризарска Река, а истиот ден Центарот за управување со кризи информираше и за можно излевање на браната Калиманци поради зголемен водостој. Водостојот на Кочанска Река беше закана и за мостот кај оранжериите „Зелена Куќа“ и ЦУК воведе мерки за безбедност.
Ребека Спасова М-Нет