
Повеќе од половина век Убавка од струмичко се занимава со земјоделие. Од мали нозе работи по нивите, сега работи заедно со нејзиното семејство, и нејзините деца. Почнале од нула денеска имаат доволна површина земја за еден скромен живот. На пазарот во Штип нудеа домашни краствици по цени достапни за џебот н аграѓаните.
„Од дете се занимавам со земјоделество, сега сум 61 година, цело време сум во земјоделството. Земја – прво бевме без ич, ама дадеа свекорот и свекрвата, купивме си нешто, сега и детето си купи и мора да работиме. Ако сееш повеќе ќе живееш, ако не со малку не се живее.“ – вели Убавка.
Многу грижа, посветена работа, ама и вода и ѓубре бара краставицата за да има добар квалитет. Освен краставици, произведуваат и квалитетен ајварски пипер, домати, а во наредниот период ќе почне производството на зелка. Колку повеќе се сади толку е подобро за да може убаво да се живее, вели Убавка.
„Краставицата сака да ја гледаш, да ја плевеш, да прскаш, водичка сака, ѓубре. Ако не ја прскаш – ојде.“ – додава Чубанова.
Краставиците имаат малку калории и јаглени хидрати, но се богати со растителни влакна и витамини А, Б, Ц и Е, но и минерали како калиум, железо, калциум, фосфор и магнезиум.
Краставиците се летна храна со многу корисни својства за здравјето, особено благодарение на неговата богата содржина на вода. Бидејќи се малку калорични, заживувачки и богати со хранливи материи, тие често се вклучени во диетите.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет