Победа службено до три бода, Овче Поле и Карбинци убедливи

фото: ФК Карбинци

Победа Валандово службено до нови три бода, останува лидер во Истокот
Фудбалерите на ФК Победа Валандово без игра стигнаа до нови три бода во 20. коло од Третата лига – Исток, откако екипата на ФК Тиверија не се појави на денешниот натпревар на Градскиот стадион во Валандово.
Средбата беше закажана за 17 часот, но по истекот на официјалниот рок и спроведената процедура, стана јасно дека гостинскиот тим нема да допатува. Согласно пропозициите, натпреварот ќе биде регистриран со службени 3:0 во корист на валандовци.
Со новите бодови, Победа Валандово ја задржа лидерската позиција на табелата и сега има 41 бод, еден повеќе од директниот ривал ФК Овче Поле, кој славеше убедливо против Дојранско Езеро со 7:0.
Во останатите натпревари од колото, ФК Ударник во интересен меч го совлада Малеш со 3:2, додека ФК Карбинци славеше на гостувањето кај Брегалница Делчево со 5:2.