
Драматичното 31. коло во Првата македонска фудбалска лига донесе и официјална потврда за испаѓањето на два поранешни шампиони. Работнички и Македонија ЃП од следната сезона ќе настапуваат во Втората лига.
„Романтичарите“ не успеаја да останат во игра за опстанок, откако на гостувањето во Струмица одиграа 2-2 против АП Брера. Иако Работнички освои бод, резултатот не беше доволен за продолжување на надежите во последните две кола од шампионатот, па четирикратниот шампион и официјално се сели ранг подолу.
Во Втората лига ќе игра и Македонија ЃП, која доживеа тежок пораз на домашен терен од Тиквеш со 1-4. Кавадарчани уште во првото полувреме направија голема предност преку Окере и Сила, а истиот фудбалер повторно погоди и во вториот дел. Конечниот резултат го потврди Лучиано, со што Тиквеш стигна до убедлива победа во Ѓорче Петров.
На третиот натпревар од денешната програма, Арсими и Башкими ги поделија бодовите играјќи 1-1. Домашниот тим поведе со погодокот на Гафури во првото полувреме, но Башкими успеа да се врати преку Мемети во 71. минута и да обезбеди реми.