Победа загуби во Неготино, Караорман го „тресна“ Осогово, Детонит Плачковица сигурен против Новаци

Победа одново ги разочара прилепчани и верните навивачи откако на гостувањето во Неготино, а во рамки на 11. коло од Втората лига со 3:2 загуби од Вардар и дома се врати со празни раце.

Со втор пораз во низа екипата на Победа сега е на делба на 11. место на табелата, а пак Вардар Неготино направи прогрес до 13. место со 11 бодови.

Кристијан Костовски во 23. минута постигна гол за водство на домашниот тим од 1:0, а со овој резултат се замина и на полувреме. На стартот од вториот дел Дарко Алексовски и Мартин Димоски постигнаа погодоци за убедливи 3:0 и голем шок за ланскиот прволигаш Победа.

Гостинот се обидуваше да се врати во игра но тоа се случи доцна, па преку Петејчук и Димоски само го ублажи поразот на конечните 3:2.

Детонит Плачковица во вториот дел стигна до водство триумф над Новаци со резултат од 3:0. Во првиот дел мрежите во Радовиш мируваа, а во второто полувреме радовишани преку Бошески во 78. минута го скршија отпорот на гостинот, а во 87. минута Фејзуловски постигна гол за 2:0. Во судиското надополнување Недановски си постигна автогол за конечни 3:0.

Победа за домашниот тим можеше да биде убедлива, откако радовишани не реализираа пенал во првиот дел.

„Со оглед на условите во кои се играше овој натпревар оваа победа има многу голема тежина. Честитки до моите играчи кои покажаа карактер и на крај тешко но заслужено успеавме да го скршиме отпорот на противникот“, рече тренерот Иван Варадиновски за телевизија М Нет.

Назначувањето на Благоја Бајчески за тренер на Караорман е полн погодок, откако стружани нанижаа втора победа во низа и со тоа најавуваат борба за директен опстанок во Втората лига. Караорман денес на домашен терен со 2:0 го доби Осогово од Кочани и со тоа се израмни на 14. место на табелата токму со Осогово, бидејќи сега и двете екипи имаат по 10 бода.

Натпреварот беше решен во финишот откако Игор Клечкароски во 76. минута постигна гол за 1:0, а Агон Хајредини во 87. минута постигна гол за конечни 2:0.