Скопје го доби Башкими, голема победа за Арсими, реми во Гевгелија

Ланскиот прволигаш Скопје на „Железарница“ во Автокоманда забележа важна и голема победа откако со 3:1 славеше над Башкими, натпревар кој гледачите на телевизија М Нет преку спортскиот канал М Нет Спорт имаа ексклузивна можност да уживаат во директен пренос.

Домашниот тим преку Ѓорѓиевски во 11. минута стигна до водство од 1:0, а пред крајот на првиот дел од белата точка Кировски погоди за двојна предност на полувреме. Во вториот дел Башкими преку Хасан во 67. минута израмни на 2:1 и ја врати надежта кај гостинскиот тим од Куманово барем за бод, но во 88. минута Најдоски постигна погодок за убедливи и сигурни 3:1 со што трите бодови останаа во Автокоманда.

Ваквиот триумф за Скопје е важен со оглед на фактот што е во долниот дел од табелата каде се води тесна трка за бегство од опасната зона.

Арсими стигна до четвртото сезонско славје откако во локалното дерби со Тетекс забележа триумф од 2:1. Домашниот тим преку Шпенд Асани на полувреме имаше предност од 1:0, а на стартот од вториот дел Ајрадин Цуцули постигна гол за 2:0.

Во финишот на мечот „штофарите“ со голот на Кристијан Чурлинов во 85. минута го ублажија поразот на конечните 2:1.

Реми на Кожуф и Беласица во Гевгелија (1:1) и поделба на бодовите. Кожуф никако да го пронајде патот до триумф и одново мораше да се задоволи само со бод.

Стефан Сулев во 50. минута постигна гол за 0:1, а во 78. минута Кирил Стојков израмни на конечните 1:1.