По четврти пат, утре планината Плачковица ќе биде домаќин на трката за деца од четири до 13 години

Четврти пат по ред, на планината Плачковица, ќе се одржи најголемата планинска трка за деца, која не само што ќе ги тестира физичките способности на најмладите, туку и ќе ги поттикне да го сакаат спортот, природата и здравиот живот. Овој настан, кој комбинира спорт, забава и едукација, ќе ги собере најмладите натпреварувачи, кои ќе трчаат на 200, 400 и 600 метри во различни категории според возраст. За најмладите – трка на 200 метри, Средни категории – трка на 400 метри, а за најголемите (до 13 години) – најголема дистанца – 600 метри. Трката не е само натпреварување, туку и ден полн со возбуда и емоции! Сите деца, без разлика на пол, ќе се натпреваруваат во машка и женска категорија. Плакети, дипломи, медали и подароци чекаат на победниците во секоја категорија, а ќе бидат наградени и највредните учесници во неофицијалниот дел од настанот – натпревар помеѓу родителите и децата. Настант утре ќе биде пропратен и со музика од страна на ДЈ Баз, кој гарантира добра забава. Предвидено е да има и штандови со вегетеријанска храна, со цел да се подигне свеста и љубовта на сите кон здравата исхрана. Иницијатор и организатор на настанот е Биљана Донева, лиценциран планинарски водич и голем љубител на природата и спортот. Со цел да го поттикне здравиот начин на живот и да ги инспирира најмладите да ја обожаваат природата, Биљана ја создаде оваа трка како место за забава и учење.

Целта на настанот е јасна: да ги поврзе децата со природата, да го промовира планинарењето, здравиот начин на живот и едукацијата во најмладата возраст.

Иван Митев, М-Нет