По речиси три месеци раскопани улици, започна асфалтирањето на булеварот Партизанска

По речиси три месеци раскопани улици, од денеска започнуваат активностите за реконструкција односно асфалтирање на Булеварот Партизанска во близина на автобуската станица во Штип. 2,4 милиони денари пари од Буџетот на Општината ќе се издвојат за да се постави асфалтна маса на овој потег, каде претходно се работеше на промена на фекалната канализација. Јорданов од лице место денеска посочи дека ќе се реконструираат двете коловозни ленти оти веќе се стари и дотраени.

„Ќе се врши асфалтирање и рехабилитација на коловозната лента во двата правци. Овде претходно се изврши промена на фекалната канализација во износ од еден милион денари, дополнително заради дотраеност на коловозните ленти се припрма за асфалтирање и во наредните денови ќе се нанесе асфалтна маса во вредност од 2,4 милиони денари од Буџетот на Општина Штип. Целта ни е да го подобриме овој патен правец, кој во изминатите месеци создаваше проблеми за граѓаните.“ – вели Јорданов.

Ако се одобри општинската обврзница, или пак се обезбедат средства од Буџетот на општината, до крајот на годината би требало да започне и проектот за проширување на булеварот Партизанска од населба Осми Ноември до населба Баби.

„По завршување на санацијата и асфалтирањето верувам дека до крајот на оваа година ќе започне реализацијата на долго најавуваниот проект за продолжување на булвеарот Партизанска, од Осми Ноември до населба Баби.“ – додава Јорданов.

Активностите на терен на овој потег започнаа на 29 март, кога започна реконструкција на водоводната мрежа. Тогаш од терен се посочи дека активностите ќе завршат за десет дена. По два месеци градоначалникот посочи дека водоводната мрежа е завршена, а асфалтирањето чека подобри временски услови.

Лаура Стојанова М-Нет