„Исар“ со загуба, „Стипион“ со намалени приходи, директорите отсутни на седницата на Советот

Со загуба од 1 милион денари, штипски „Исар“ ги заврши првите три месеца од годинава, ЈП „Стипион“, пак, има добивка од околу 2 милиона, но намалување на приходите за речиси 7. Кај ЈП „Исар“ има намалување на сметките за електричната енергија, но зголемување на потрошеното гориво, а зголемување има и во делот на платите, бидејќи вработени од Агенција се префрлени со вработување директно во јавното претпријатие. Ратите од кредитот ги отплаќала Општината, но ЈП исплатило и заостанат регрес за годишен одмор на вработените. ЈП „Стипион“, пак, има намалени трошоци за гориво, но и делумно намален приход од паркинзи.

„Тромесечјето ЈП „Исар“ го заврши со загуба од 1.241.000 денари како разлика од остварени вкупни приходи од 64.073.000 денари и трошоци од 65.014.000 денари. Во делот на намалување на други трошоци имаме намалување за помалку од 2.000.000 денари. Овде видно намалени се каматите, бидејќи ратите за кредит во овој период ги сервисираше Општината наместо нас“, вели известителката од ЈП „Исар“, Соња Лонгурова.

„Приходи од наплата на паркинг годишен, месечен и наплата на грепки изнесуваат 2.616.826 денари, приходи од блокатори и налепници се 304.268 денари и приходи од комуналната такса за паркирање 320.798 денари. Минатата година истиот период, бројките биле слични“, истакна известителката од ЈП „Стипион“, Симона Нушкова Крстев.

Советниците од опозицијата имаа низа прашања во претресот по однос на точките, но истите поминаа без одговори оти беа упатени до директорите на јавните претпријатија, кои на денешнава седница не беа присутни. Една од забелешките беше и тоа што трошоците за гориво се зголемени за 900.000 денари, а јавното претпријатие „Исар“ има само едно ново возило.

„Во делот на горивото, минатата година имаме над 600.000 денари. Дали претходно некој недомаќински работел или повторно доаѓаме до она дека ЈП во овој период не сработило ништо?“, праша координаторката на советничката група на СДСМ и коалицијата, Маријана Рогожарска-Поповска.

„За 2022 за овој период приходот бил 8,5 милиони денари, а сега е 16,9 милиони денари. Тоа е зголемувањето од 110% на услугите за смет“, посочи советникот Трајче Стојчевски.

Минатата година за ЈП „Стипион“ беше истакнато дека за овој период имале над седум милиони добивка, што значи дека оваа година добивката е намалена за пет милиони. Лошата финансиска состојба на ЈП „Исар“, пак, и претходно беше потврдена, па заради тоа Општината го субвенционираше со 18 милиони денари.

Ребека Спасова М-Нет