
Редица граѓани изминатиот период чекаа пред Отсекот за управни работи во Штип за да може да добијат печат за регистрација на своите возила. Ова предизвика нервоза кај граѓаните кои за само еден печат мораа да чекаат од половина час до 40 минути за да завршат работа. Реагираа дека порано ова на многу полесен начин се завршувало за разлика од сега кога се направени промени и граѓаните го губат своето време чекајќи пред врати. За вака настаната ситиција на терен, одговор побаравме од МВР. Прашавме дали се повлечени полициските службеници од станиците за технички преглед, на чие барање и одлука и каква ќе биде сега процедурата за регистрација на возилата. Од таму одговорија дека граѓаните кои треба да го регистрираат своето возило тоа може да го направат во Отсекот за управни работи во Штип.
„Во врска со вашите прашања, ве известуваме дека на барање на овластените правни лица за вршење на технички преглед на возила во Штип, упатените работници од Министерството за внатрешни работи, работните задачи ги извршуваат во Отсекот за управни работи Штип.
Ве информираме дека Граѓаните кои имаат потреба за регистрација на возило истото можат да го направат во Отсекот за управни работи во Штип.“ – велат од МВР.
Во врска со информацијата дека недостасуваат сообраќајни дозволи во Секторите за внатрешни работи, како и материјалите за издавање лични документи, од министерството посочуваат дека овде нема простор за застој бидејќи до овој момент сообраќајните дозволи има во доволни количини на залиха, а застој не се очекува ниту во издавањето на било кој личен документ, вратија од МВР.
Лаура Стојанова М-Нет