Пет нови вработувања му се потребни на штипскиот Дом на млади

На штипскиот Дом на млади му се потребни нови вработувања. На последната седница на Советот на Општина Штип промена на планот за вработување побара директорот на институцијата, Видан Лазарев. Планирано е вработување на пет лица.

„Дом на млади како и секоја година планира нови вработувања, и тоа: советник за административни и општи работи, стручен соработник за литература, соработник за драмска уметност, сценски работник и друг општ работник“, истана директорот, Видан Лазарев.

Според директорот Лазарев, новите вработувања се за пополнување на веќеиспразнети места, односно да се заменат оние работници кои заминуваат или веќе заминале во пензија.

„Тоа е поради тоа што некои од вработените одат во пензија, некои отидоа во пензија и сега ни се потребни нови вработувања со што институцијата би функционирала нормално“, додава Лазарев.

Инаку, некои од државните институции и претходно посочуваа дека недостасува кадар за работа. Бројот на вработени во јавната администрација во 2022 споредбено со 2021 беше намален за 2.714. Според истиот Извештај на Министерството за информатичко општество и администрација, најголем број од вработените во јавниот сектор се во образованието и тоа 34%, а најмал број, односно само 3% се во секторот транспорт и култура.

Ребека Спасова М-Нет