Пелистер го доби Новаци, реми на Беласица и лидерот Беса, Победа загуби и гледа кон Трета лига

Во локалното дерби на Новаци и Пелистер кое се одигра наместо во Новаци на Градскиот стадион во Битола заврши со триумф од 1:3 за битолани. Повеќе од јасно беше дека Пелистер на овој меч ќе триумфира и ќе ги освои посакуваните три бодови.

Симеон Христов уште во 5. минута постигна гол за водство на Пелистер од 0:1. Во 39. минута Благој Стојчев постигна гол за 1:1, а на три минути пред крајот на првиот дел Бојан Спиркоски погоди за 1:2 на полувреме.

Во вториот дел Ѓорги Танушев беше стрелец на третиот гол за Пелистер за конечни 1:3.

Беласица ѝ откина два бода на лидерот Беса откако во Струмица двете екипи ремизираа играјќи 1:1. Струмичани предводени од Александар Стојанов први дојдоа до водство во 59. минута откако Костадин Капсаров погоди за 1:0. На две минути пред крајот Арменд Алими беше херој за екипата на Александар Таневски откако постигна гол за конечни 1:1 и поделба на бодовите.

Победа на домашен терен загуби од екипата на Башкими со минимални 0:1 и со тоа ја продолжува кризата и се поблиску е до испаѓање во Трета лига – Југ, со оглед на тоа што Победа веќе утре може да заврши и во бараж зоната, доколку Караорман забележи позитивен резултат против Охрид во Езерското дерби, овој натпревар како што и претходно кажавме ќе се одигра утре, бидејќи Струга Трим Лум играше на Градскиот стадион во Струга денес против Шкупи во меч од 20. коло од Првата лига.

Александар Ванев, М-Нет