Пациенти со трансплантиран бубрег повеќе од еден месец се без Recormon, тврди пратеничката од Левица, Јована Мојсоска.
Таа кажа дека пациенти со трансплантиран бубрег од битолската болница алармирале до Левица дека повеќе од еден месец се оставени без лекот Recormon (еритропоетин), односно без терапија со која нивното здравје е сериозно загрозено.
Според информациите што ги соопшти Мојсоска, наместо државата да ја обезбеди терапијата што им следува, пациентите се принудени да ја бараат по аптеките во Грција и Косово, трошејќи дополнителни средства и живеејќи во постојана неизвесност.
„Уште поскандалозно е што никој од надлежните не чувствува обврска да им објасни на пациентите зошто лекот недостасува, кога ќе биде обезбеден и кој ќе сноси одговорност за оваа состојба. Информациите се дека пациенти и од други градови се оставени без овој лек од животно значење“, наведува Мојсоска.
Поради тоа, таа поднела писмено пратеничко прашање до министерот за здравство, со барање за итен одговор на следните прашања:
Кога повторно ќе биде достапен лекот Recormon (еритропоетин) и која е причината за неговиот недостиг?
Дали министерот ќе покрене постапка за утврдување одговорност кај институциите што дозволиле да дојде до ваков, како што оценува, срамен пропуст?
Од Левица потенцираат дека било каков прекин во снабдувањето со лекови од витално значење е недозволив и оценуваат дека ваквите пропусти претставуваат уште една потврда за несериозниот пристап во управувањето со јавното здравство на Владата и Министерството за здравство под раководство на ДПМНЕ и ВЛЕН.
Текстот Пациенти со трансплантиран бубрег повеќе од еден месец се оставени без потребниот лек, тврди Мојсоска е превземен од МАКФАКС.