ММФ ги разби лагите на Мицкоски за „третата“ економија – македонската економија расте побавно дури и од Косово, изјави Наташа Поповиќ од СДСМ.
„Македонската економија ќе расте побавно од економиите во регионот во следните пет години, дури и Косово е пред нас. Меѓународниот монетарен фонд ги разби лагите и пропагандата на Мицкоски за некаква „трета“ економија во Европа. Според ММФ – во следните пет години македонската економија во просек ќе расте само 3 проценти. Пред Македонија се Албанија со 3,19 проценти, Србија со 3,5 проценти, Молдавија, Украина, Косово со 3,95 проценти“, рече Поповиќ.
Таа обвини дека Мицкоски со лаги дошол на власт и дека со лаги владее.
„Ветуваше дека економијата ќе биде „тигар“, ветуваше „инвестициски бум“, ветуваше подобар животен стандард. Ништо не исполни. Две години подоцна, резултатите се поразителни, а цената ја плаќаат граѓаните – со празни џебови и сè потежок живот. По две години власт на ВМРО-ДПМНЕ, економските показатели се катастрофални. Странските директни инвестиции во 2025 година паднаа за 61% – еден од најлошите резултати во регионот. Индустриското производство во мај падна за 2%. Бројот на работници во индустријата е намален за 2,6% во мај годинава споредено со истиот период лани“, рече Поповиќ.
Додаде дека пензискиот фонд е во катастрофална состојба, дупката продлабочена за 40%, а власта, како што кажа, го загрозила и вториот пензиски фонд – оваа Влада ја доведе во ризик исплатат не само на сегашните, туку и на идните пензионери.
„Буџетот е празен, нема пари. На средина од годината го истрошија целиот дефицит. Единствено нешто во што оваа Влада е успешна – се задолжувањата. Таму им нема конкуренција – за две години направија нов долг од 2,5 милијарди евра. Јавниот долг се искачи на скоро 11 милијарди евра – пари од кои ништо нема за граѓаните, има само за криминалните партиски тендери на ВМРО. Мицкоски сам си се разобличи и со ребаланост – тој е јасно признание за промашени политики, за тотален колапс. Се кратат пари токму таму каде што се создава економска вредност, кај поддршката на компаниите, младите, социјално ранливите граѓани и друго“, рече Поповиќ.
Текстот (Видео) Поповиќ: ММФ ги разби лагите на Мицкоски, македонската економија расте побавно дури и од Косово е превземен од МАКФАКС.