Патуваат ли пензионерите во Штип за време на летните одмори?

Во пресрет на сѐ повисоките температури и летните одмори, се зголемува и популарноста на екскурзиските тури за пензионери. Туристичките агенции и Здруженијата на пензионери, не само во текот на летото, туку и во други прилики организираат еднодневни или повеќедневни тури за кои заинтересираност покажуваат пензионерите. За поголеми празници, настани и манифестации дел од пензионерите во Штип се присутни на секое патување, друг дел, пак, не учествуваат, а има и такви кои не се информирани за патувањата. Ставот за тоа дали пензионерите користат и одат на летни одмори меѓу граѓаните на Штип е различен, меѓутоа секој вели дека наоѓа некаква активност за разонода во овој период.

Праксата покажува дека пензионерите сѐ повеќе сакаат слободното време да го искористат за прошетка, па овие патувања им се многу корисни. Како што додаваат штипјани, на овој начин може да видат нови места, да го искористат слободното време и тоа без да имаат многу трошоци, бидејќи овие тури претежно се по евтини цени. Патувањата за штипјани организирани од Здруженијата на пензионери најчесто се однесуваат на околните места, близу до Штип. Меѓутоа, според пензионерите, не е важно каде се оди, важна е дружбата и времето поминато заедно.

Лаура Стојанова М-Нет