Јорданов: За да се изгради Штип, прво треба да се раскопа!

За да се изгради нешто ново, треба да се раскопа старото и дотраено. Под ова мото Јорданов истакна дека Штип преставува градилиште во кое се работи за подобрување на инфраструктурата во градот. Тротоари, реконструкција на улици, водоводна и канализациона мрежа се дел од проектите кои веќе се започнати во неколку штипски населби. Во оваа прилика тој истакна дека граѓаните треба да имаат трпение додека се работи, за активностите да бидат завршени целосно и квалитетно.

„Градежните активности се одвиваат на неколку локации во нашиот град. Штип е едно градилиште на коешто се работи во повеќе населби, на пример во населбите Македонка, Осми ноември и Ново Село, се работи и во централното градско подрачје, на ул. „Ванчо Китанов“. Сите градежни активности коишто се започнати ќе се завршат во предвидениот временски рок. Она коешто сакам да го потенцирам е дека заради потребата за решавање на проблемите кои со години се провлекувале, се потрудивме во рамките на нашите расположливи ресурси да ги решаваме тие проблеми. Како што можете да забележите, се работи интензивно“, истакна Јорданов.

Јорданов истакна дека во наредните неколку денови започнатите активности треба да бидат завршени, па согласно со ова нема застој во изведувањето на градежни активности ниту од страна на изведувачите.

„Сѐ е во рамки на предвиденото. За да се направи нешто, мора претходно да се раскопа. Доколку ги посетите објектите каде се одвиваат активностите, ќе забележите дека секој ден се работи и тоа е една нормална постапка за да го изградиме Штип“, додаде Јорданов.

Споредбено со работењето во претходните години, Јорданов истакна дека сега се работи со многу брзо темпо и работите се завршуваат многу порано од предвидениот рок.

Ребека Спасова М-Нет