Патот кон село Соколарци во катастрофална состојба, граѓаните бараат под итнo санација

Ископан асфалт, дупки и пат по кој едвај се вози. Револтирани жители од село Соколарци, Општина Чешиново – Облешево со реакција до нашата редакција. Велат секојдневно одат на работа во Кочани, но нивните автомобили се веќе искршени поради несоодветниот пат кој го минуваат од Соколарци до Кочани. Кога временските услови се полоши и врне дожд или снег нивната мака е уште поголема. Реагирале неколкупати, но за нивните проблеми ниту имало слух од надлежните ниту решавање на проблемот. Претходно додека беше во изградба новиот експресен пат Штип – Кочани, се користеше овој патен правец, а сега е оставен во катастрофална состојба, додаваат жителите.

Какви се надлежниостите на Општина Чешиново – Облешево и дали ќе се преземат некои мерки го прашавме градоначалникот Далибор Ангелов. Во телефонски разговор за М-Нет телевизија тој истакна дека реконструкцијата на овој патен правец е во надлежност на Македонија пат.

„Запознаени и свесни сме за состојбата со патниот правец од село Бање до село Жиганци. Од наша страна како општина имаше сугестии за овој проблем и добивме ветување од страна на Македонија пат дека ќе започнат градежни активности и дека до месец април оваа година патот ќе се реконструира. Дали ќе се реконструира целиот патен правец од Бање до Жиганци или само ќе се реагира на дупките треба да прашате во Македонија пат“ – кажа Ангелов за М-Нет телевизија.

Дали ќе се реконструира овој патен правец, кога и како прашавме и во македонија пат. Од таму велат подетални информации ќе има во текот на утрешниот ден.

Патниот правец од село Тркање преку Бање до Соколарци беше реконструиран во 2016 година, од страна на Македонија пат во соработка со Општина Чешиново – Облешево.

Лаура Стојанова М-Нет