
Зелено светло дадоа советниците во Советот на Општина Штип за искористување на средствата од самопридонесот. 65 милиони 970 илјади денари ќе бидат искористени за изградба на два резервоари во Штип со што ќе се подобри водоснабдувањето во градот. Со ова повисоките населени места во Штип нема посотојано да се соочуваат со проблеми со водата за пиење.
„На сметката на Општина Штип во моментот има 65 милиони 970 илјади денари. Бараме Советот на Општина Штип да овозможи да се искористат овие финансиски средства кои со текот на времето ја намалуваат својата вредност и истите да се искористат за изградба на два резервоари, а тоа е резервоарот Пребег и резервоарот покрај филтер станицата кои ќе овозможат поквалитетно водоснабдување во нашиот град.“ – вели Шорова-Ангелова.
Финансиските средства кои стојат замрзнати на сметка подолг временски период се собрани од страна на граѓаните во Штип и Карбинци со цел да се изградат објекти за водоснабдување и наводнување. Проектите не биле во целост реализирани и затоа парите биле поделени.
„Финансиските средства биле собрани за изградба на објекти на водоснабдување и наводнување на територија на овие две општини. Брана Баргала во износ од 950 милиони денари, резервоари за водоснабдување во град Штип во износ од 220 милиони денари, доградба на колектори и предниост е дадено на проекти кои се во областа на водоснабдувањето“ – додава Шорова-Ангелова.
Инаку, за искористување на парите од самопридонесот требаше да се распише референдум и штипјани да се изјаснат дали се „за“ или „против“. Со оглед на фактот дека парите се собрани за истата цел за која денеска треба да се потрошат референдумот не е потребен. Со искористување на овие средства ќе се работи на промена на старата и дотраена водоводна мрежа, а со тоа подобрување на водоснабдувањето во градот. Претходно, двапати се распишувал референдум кој бил неуспешен за искористување на средставата од самопридонесот во Штип.
Лаура Стојанова М-Нет