
Последното невреме, дожд и град кој го зафатија кочанскиот регион го преполови производството на компир во Зрновци. Произведувачите велат дека временските неприлики директно ги чувствуваат на своја кожа, компирот скапо се плати за да се произведе, а денеска, ем евтин ем никој не го купува на пазарот во Кочани.
„Пазарот е за никаде, евтини цени, невреме, дожд, град, скапи репроматеријали, а компирот 30 денари никој не сака да го купи. Ние го плаќавме по 160 денари семето.“ – велат продавачите.
За друг дел од продавачите на пазарот во Кочани, побарувачката е задоволителна, граѓаните немаат пари, велат, ама за јадење мора секој да купи по малку.
„Има доволно народ, роба на пазарот, задоволни сме од излезеноста, пари за купување за јадење мора да имаат. Робата не е скапа, солидни цени. За работа нема кој да работи, оти младите се во странство“ – велат продавачите.
Дека е солиден пазарот сведочат и граѓаните. Велат има доволно производи, добар квалитет и прифатливи цени.
„Има роба, има муштерии, добри се и цените. Јас купив бостан 15 денари за килограм, цените се реални.“ – велат купувачите.
И денеска на пазарот во Кочани најмногу се бараше зеленчукот и сезонското овошје, иако на пазарот изобилоуваше и продажбата на ориз, ракија, чаеви и слично.
Лаура Стојанова М-Нет