Пареза на лицевиот нерв – кои се симптомите, како да се постапи и лекува?

Бројот на пациенти со пареза на лицевиот нерв вообичаено се зголемува во пролетта како годишно време. Првиот симптом, односно чест преегзистирачки зрак е болка зад увото, а најчесто се развива целосно во период од 48 до 72 часа.

„Парезите, најчесто, со комплетна парализа, се развиваат целосно за 48-72 часа. Често постои чувство на тежина и отрпнатост на зафатената страна. На зафатената страна, заради слабоста на лицевите мускули се губи мимиката, односно лицевата експресија. Способноста за гримасирање на лицето и рефлексот на трепкање се лимитирани или отсутни. Во потешки случаи постои неможност за затворање на окото на зафатената страна, со опасност од иритација на конјуктивата и појава на сува рожница. Делот позади увото, во пределот на мастоидниот канал е преосетлив на болка, можна е хиперпродукција (обилна продукција) на плунковите жлезди , прекумерно солзење и преосетливост на звук“, вели Мартин Каровски директор на Центар за традиционална кинеска медицина – Штип.

Симптомите не треба да се потценуваат, бидејќи може да бидат знак за сериозни заболувања. Лекарите советуваат да не се донесува заклучок врз основа на интернет или народски верувања дека причината е промаја или не е ништо страшно. Прво треба да се открие причинителот на лицевата пареза, кој не е секогаш безопасен.

„Дијагностицирањето оди во неколку чекори. Ова велам како треба, а не како вообичаено се прави. Прво, треба да се направи магнетна резонанца на мозокот за да се исклучат лезии кои може да бидат причина за парезата како што се мозочни удари или тумори. Се прави преглед на средното уво за да се исклучат причини од инфективна природа. Се бара да се исклучат системски заболувања од типот на Сакоидоза или Лајмска болест, фрактури на петрозната коска, карциноматозни инвазии на нервот, тумори во церебело- понтиниот агол, хроничен менингитис и слично“, додава Каровски.

Третманот на лицевата пареза може да биде и долг процес на лекување, што вклучува и невролошки и физикален третман. Во целиот процес најважно е да се заштити рожницата од прекумерно сушење.

„Доколку се работи за идиопатска пареза, се ординира кортикостероидна терапија. Во случај на вирусна инфекција терапијата се дополнува со виростатици. Многу е важно во целиот процес на лекување да се заштити рожницата од прекумерно сушење, со ординирање на соодветни капки за очи и механичка заштита на зафатеното око“, посочува Каровски.

Освен ваквото лекување, пожелно е да се спроведат и индивидуални вежби за фацијалната мускулатура, како и да се ординира работна терапија на пациентот пред огледало преку дополнителни активни вежби за активирање на фацијалната мускулатура.

Ребека Спасова М-Нет