Папазов: Кочани не е најзагаден град како што се обидуваат да го претстават

Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, со став дека „Пејпер мил“ како сериозна компанија за брзо време ќе го реши проблемот. Како што додава тој, комуникација со компанијата нема, но верува дека ќе постапат во насока на заштита на средината.

„Се надевам дека ќе има решение заради тоа што „Пејпер мил“ е сериозна компанија од меѓународен карактер која има фирми во повеќе држави од Балканот и сметам дека ќе одговорат на обврските и задачите што се наметнале како задолжување од страна на овластениот Инспекторат. Немам таква комуникација и не го знам нивниот став, ама во секој случај сметам дека се работи за сериозна компанија и ќе постапат, најверојатно, во делот на заштитата на животната средина и заштита на здравјето и обезбедувањето на чист воздух на граѓаните на општина Кочани“, истакна Папазов.

Фабриката за хартија „Пејпер мил“ веќе два дена не работи, па во случај на целосно престанување на процесот, Папазов смета дека ќе биде на штета на над 100 семејства чија егзистенција зависи од таму.

„За тоа треба да ги прашате нив. Во секој случај, ако се случи тоа, ќе останат 150 семејства без егзистенција, заради тоа што знаеме таму дека се луѓе коишто егзистираат од таа компанија. Се надеваме дека тоа нема да се случи“, порача Папазов.

Сепак, кочанчани и активистите за чист воздух постојано посочуваат не само на „Пејпер мил“, туку и на други загадувачи, како што е и градската депонија. Во однос на ова Папазов вели дека мерки ќе може да се преземат откако ќе се изготви катастарот на загадувачи.

„Општина Кочани е влезена во кругот на шест општини за коишто се изработува катастар на загадувачи. Кога ќе биде готов овој проект, ќе ги имаме резултатите и ќе можеме конкретно да ги посочиме загадувачите. Тоа се Штип, Кавадарци, Кичево, Гевгелија, Кочани.. “, додава Папазов.

Папазов заклучува дека Кочани не е најзагаден град, како што се обидуваат многумина да го прикажат. Триесетина до четириесет дена во годината и тоа во месеците јануари и февруари може да се сметаат како денови на загаден воздух, но во останатиот период ситуацијата не е иста, посочува Папазов.

Ребека Спасова М-Нет