Српска делегација во Штип оддаде чест на загинатите војници од Брегалничката битка

Српска делегација положи цвеќе и венци на спомен плочата во Штип за загинатите српски војници во Брегалничката битка. На свеченоста присуствуваа Државниот секретар Миодраг Капор и амбасадорката на Србија, Невена Јовановиќ, потполковникот Вујица Вукобратов, пратеникот Стоиљковиќ, претставници од боречките здруженија и здруженијата на Срби во земјава. Во својот пригоден говор државниот службеник Капор потенцираше дека двете држави се силно поврзани и треба да ја користат секоја прилика за да ги зацврстат врските.

„Во оваа битка учествувале преку 300.000 војници од двете страни, што ја сместува во една од најголемите битки во историјата. Бугарскиот план беше со концентрирани сили да се изврши изненаден напад на српската војска, да се поттикне офанзивен бој со цел заземање на територијата и да се судри војската на фронтот од Вардар, долж Брегалница и Злетовска река до Царскиот врв и да се заземе Овче поле. Бугарите се обидуваат да нападнат, но силно се притиснати и се враќаат оставајќи многу мртви на военото поле. За овие денешни борби не ни треба оружје, потребни ни се заедништво, собирање, одлучност и голема сила. Да не дозволиме да не делат политичките конфликти и гордоста кога имаме вака важни задачи“, истакна Капор.

Церемонијата на некогашната костурница беше организирана во соработка со Општина Штип, од каде градоначалникот Јорданов во пригоден говор истакна дека ваквите немили спомени се потребни за да се докаже дека е потребна сплотеност.

„Тоа е едно застрашувачко искуство кое со себе носи порака и разум на сите кои досега донесуваат одлуки. На крај останува апелот никогаш да не се повтори затоа што мирот носи стабилност, развој и просперитет, кој сите ни е потребен во овие тешки времиња за човештвото и за светот“, истакна Јорданов.

Годинава се одбележува 109-годишнината од Брегалничката битка во согласност со Државната програма на Р. Србија за одбележување годишнини од историските случувања на ослободувачките битки за Србија. Некогашната спомен костурница е изградена во 1928 година, а уништена во 1941 година. Спомен плочата во Штип е поставена во 2015 година. По церемонијата во Штип, следеше церемонија на Спомен костурницата во Велес.

Ребека Спасова М-Нет