Охрид го сруши вицешампионот Алкалоид, „гладијаторите“ во трка и за титула!

ФОТО: ГРК Охрид

Оваа сезона борбата за титулата и излез во Европа ќе биде навистина неизвесна и тешка, а дека така ќе биде потврда е натпреварот во „Билјанини Извори“ каде Охрид си 30:26 го доби вицешампионот Алкалоид предводен од Кирил Лазаров.

Во преполната сала, „гладијаторите“ одиграа одлична и моќна игра и ги освоија трите бодови во оваа дерби-пресметка со еден од фаворитите за титулата, екипата од Автокоманда.

Алкалоид во првиот дел направи многу грешки кои Охрид максимално ги казни и на полувреме замина со 16:9. Оваа сериозна предност од првиот дел беше и пресудна за триумф на Охрид, а пораз на Алкалоид.

Во текот на натпреварот Алкалоид се обидуваше да ја намали негатива и стигна на минус четири, но Охрид одново започна да ја зголемува, а тука секако важна улога одигра домашниот голман Даниел Ѓорѓески, но и Гал Цирар кој беше стрелец на 14 гола, додека пак Шафранко даде седум гола. Кај Алкалоид Дамјан Митев беше стрелец на седум гола.

После овој натпревар во Суперлигата нема веќе непоразени екипи. Во следното коло Охрид ќе гостува кај Пролет, а пак Алкалоид во Автокоманда го очекува тежок меч против Вардар.

Александар Ванев, М-Нет