Осогово слави во дербито за врвот во Свети Николе, Брегалница го доби Малеш, “петарда” пукна во Пробиштип

Осогово убедливо го доби дербито за врвот во Свети Николе, откако со 2:4 славеше над актуелниот шампион Овче Поле. Дарко Нацев и Јорданчо Трендафилов беа стрелци за домашниот тим, за “жетварите” двоен стрелец беше капитенот Тоше Манов, а по еден гол постигнаа Јован Дојчинов и Андреј Коцевски.

Осогово сега е на врвот на табелата по шест одиграни кола во Трета лига – Исток.

Брегалница го доби Малешевско – Пијанечко дерби, откако на домашниот терен во Делчево со погодоците на Дарко Пешовски, Антон Ратков, Александар Илиев и Бојан Петковски славеше над Малеш од Берово со 4:2. За гостите погодија Илија Шонтевски и Митко Пачемски.

Дојранско Езеро со 2:0 славеше над Победа од Валандово, во Градско Балдовци беше поделен “пленот” откако Спартмани и Тиверија одиграа 1:1.

Новајлијата Академија Чешимово-Облешево со убедливи 6:2 го декласираше Вардаски од Богданци. Во Пробиштип пукна “петарда” со 5:2 Рудар славеше над Карбинци.