
Второлигашите продолжуваат со одигрување на пријателски натпревари, а преку кои ја темпираат формата за новата сезона со цел максимално подготвени да влезат во новата сезона која ќе започне на 23 август со натпреварите од првото коло.
На градскиот стадион во Кочани се одигра пријателски натпревар меѓу Осогово и Детонит Плачковица, а кој меч заврши со минимален триумф од 1:0 во корист на „жетварите“ предводени од Крсте Крстев.
Победничкиот гол беше постигнат доцна во финишот од мечот односно во 90. минута, а стрелец на истиот беше Филип Јованов.
Беласица забележа убедлива победа на пријателскиот меч кој се играше во Струмица против Каменица Саса со резултат од 3:1.
Тренерите и на двете екипи имаа можност да комбинираат и да ја проверуваат формата на сите играчи кои ги имаат на располагање.
Слога Виница имаше успешен тест натпревар против третолигашот Победа од Валандово, а кој меч заврши со триумф за второлигашот од 3:0. Резултатот на градскиот стадион во Виница го отвори Воинов, а потоа стрелаа Капсаров и Иван Настевски за конечни 3:0.
Во тетовско Јегуновце се одигра пријателски натпревар кој заврши без победник, но со по еден гол, реми на Тетекс и Кожуф од 1:1.
Второлигашите пополека влегуваат во финишот од самите подготовки, ги очекува уште еден до два пријателски натпревари за проверување на формата, бидејќи на 23 август со натпреварите од првото коло ќе започне новата сезона 2025/2026 во Втората лига.
Александар Ванев, М-Нет